Wednesday, February 27, 2013

(НА МАКЕДОНСКИ) MIHAJLO SVIDERSKI - POETRY ORIGINALLY INTO MACEDONIAN



НАПУШТАЊА



Побегна , а од твоето бегство
секоја вечер без престан
во сонот ми пиштат брзи возови.
Обземени од јуришот , ми го расипуваат спиењето.
По шините тропаат, како да си до мене,
А не си .




ПРОЗЕРЕЦ НА СВЕТЛИНИТЕ


Од ниедно време се разбудивме
во чинии и шишиња да го собереме сонцето.
Црпат сите како луди , ненаситно, небаре ќе се потроши.
Прибирам и јас колку што можам.
Денес сите можат, или барем мора да можат,
Таков е денот, такви се времињата .
Од густите зраци на сонцето,
ние си правиме приказни,
и по многупати меѓусебно си ги прекажуваме.
Постојат и такви што ништо не прават.
И такви што не знаат како.
Опиени од белоцветните вишни,
под нив како под закана,
како приморани береме светлина.
Го затворивме времето во ќелија,
и клучевите ги фрливме во езерото.
Никој да не може да ги најде,
и никој да не може да ни ги отклучи тајните.
Се радуваме на светлините, небаре првпат ги гледаме.
Од цветовите на вишните си создаваме љубов,
и вулкани, и лава и жар.
Од корењата немир и виножата.




ЕДНО ОБИЧНО И ПОИНАКВО ВРЕМЕ


Во просторите како да владее оптеретување
на мојата будност и приправост.
Помини со прстите преку мене,
ќе видиш како
во очите зрно песок ми шета како низ песочен часовник.
Понекогаш  се замислувам како можам
да направам  свет.
Цел еден свет – до  недоглед,
Јас исправен како ветер,
Ти превртлив расцветан сончоглед,
Еден свет,  промашен , вознемирен
А во него едно време – невреме
Обично како и сите други времиња,
Како мене , како тебе, како семе
што од своето `ртење се плаши да никне.
Друг пат си мислам дека можам  дури и тебе да те создам,
како стоиш по плоштадите и ги поздравуваш
сите оние кои не умееле да си направат свој свет.





ОД МОЈОТ БАЛКОН – ПОГЛЕД КОН ЕДЕН ЗАТВОР


Тие што ја сакаат слободата, кажуваат дека за неа треба да се избориш.
А можат ли тие да се изборат затворени во ова слепило?
 Зад решетките,
 здивот на оние кои таму седат им мириса
на испарена љубов, на глад, на истрошено плачење.
Веќе одамна престанале да си ја одбројуваат казната.
Навика е да се робува на суровоста и навика е
да престанеш да се сакаш себеси.
Капи црн дожд од под стреите.
Во нивните секојдневија, се искачуваат на врвот од денот
и од таму немо гледаат кон небото.
Си ги мијат погледите од  дождот.
Гледаат и никој не смее да каже ни збор.
Привилегија е од овие агли да се погледне надвор.
Таму  движењето е слободно, но него го виделе само бегалците.

Не  се знае како може да се престне да се сака,
Не знам како , а сигурно не знаат ни тие.
Но и тој од затворот и тој на слобода
не знам зошто но никогаш не сакаат да се сретнат.





РАЗГОЛУВАЊЕ  НА ГРМОТЕВИЦИТЕ


Како првпат да ги гледам
и како до сега да не сум знаел за нивното постоење.
Пролетта речиси секогаш ми е најубава,
освен кога е дождлива и влажна.
А денес е баш таква.
Тогаш седам на балконот со цигара во раката
и мислам како можам да му се спротивставам на молњите,
да го запрам нивниот пад, и нивното гласно удирање?

Од непознатите царства , ги симнав
сите кралеви од тронот,
и го завзедов за да владеам со грмовите,
и еден по еден, ги праќам,
усмерени во твоето ранобудење.



ВРЕМЕТО, ДОЖДОТ И ЖИВОТОТ


Времето некако како да не беше за да заврне,
а сепак дождот веќе пола ден
 збунето тропа по стаклата на мојот прозорец.
Тапо и нежно чука во неодреден ритам.
Со него и јас седам збунет во своето бунило,
и од сите побуни ,се трудам да направам мир.
Мир од чај од мајчина душица и чоколадо.
Вестите течат , ми течат и мислите,
И времето, и надвор невремето.

На ѕидовите во пукнатините
Гледам како ми се пресликува животот,
гол се соблекува, а во неговата голотија
плачи моето плачење.  Солза над солза ,
како камењата на ѕидот на плачот во Ерусалим.
 Далеку од фасадата , длабоко внатре
скриено стои моето  постоење,
 стои и молчи.
Гледа во мене, јас во него,
А  ништо не си рековме,
Не можевме.
Животот не гледаше право во очи.

No comments:

Post a Comment