Monday, July 8, 2013

НЕ ГЛЕДАЈ ВО СОНЦЕТО 2013

АПОКАЛИПСА  1



Точно на полноќ
се отвори небото,  се затвори тлото под нозете наши
и чекавме како уплашени деца,што ќе биде од нас.
Ослепевме од светлината
а еден коњаник од седум фенери ни праќаше видело,
и очите ни се натопија,
 а не  ни беше ништо важно освен што молевме да престане
 сушата што не остави жедни
четириесет дена и ноќи.
И одеднаш како мртва тишина да ни слезе во ушите
само гласови слушавме, непознати.
Некој во брзо движење 
почна на сите да им придава од се што имаат како по заповедите негови
на тие што љубеа, им умножи љубов
на оние што се надеваа, надежта им се наддаде
Оние што мразеа од завист ги креваа рацете и
бараа и нив да им се даде ,                                      
 мислеа дека се раздава милостина,                                                                                                                                                                          
 и си ги празнеа срцата од гневот што им се собрал под вилиците.
Тие и на овој и на оној свет  крцкаат со заби.
И  се одврза ветрот и нѐ поведе со себе,
 а таму долу останаа тие
што и онака беа убедени дека таму ќе останат.
За нив немаше приготвено место.




  
АПОКАЛИПСА 2



Рано наутро.
Спијат сите кога се разрика планината како земјотрес,
и како оган да излегуваше од облаците.
Сите плачевме а нашето плачање никој не го слушна.
А плачевме дома, по плоштадите, покрај реките,
на улица, на работа, секаде плачевме
а најмногу на гробишта.
Во тие денови назначивме човек
да ги брои мртите на влезот од гробиштата,
бидејќи се умираше од изгрејсонце до зајдисонце.
Никогаш полесно не се умирало.
А некаде на пладне
истече вода од устата на небото.
Никој не позна што беше тоа,
а многу нагодуваа дека на светот му дошол крајот.
И  сите зрели јаболка од јаболкницата до мојата куќа
се исушија. Водата ја снема, и никој од нас не виде кој ги испи
 океаните и морињата и кај
отидоа тие огромни води, како да ги голтна земјата.
Ама и земјата лебдше како изморена и ние
бевме во исчекување, а никакви знаци не гледавме
ниту препознававме чие чудо е ова, и чии раце водата ја собраа.
Се преврти сонцето . И го снема.
 А од тој час и воздухот не беше ист.
Изгоре целиот град и се во него. Изгоре без сонце. Без оган.
  Ние останавме на врвот на
планината- недопрени.




 ПРВИ ВЕСТИ ОД ПЕКОЛОТ 




Бидејќи постојано ве залажуваат 
дека никој од тука не се вратил за да каже како е, 
еве јас што од овде под дното на огнот
си ги одмарам стаплата 
можам да речам дека е прекрасно одвратно.
Порано како и секаде, сѐ беше подруго и поинаку.
Денес сите крици ги знам на памет 
исто колку што на видот ми смета секаква светлина. 
Освен што е непрестана досада и постојано губење време 
сето тоа е зашто нѐ заборавија овде,
и на нас никој не се потсеќа
не си спомнува ни да ни ја накваси устата,
ни да ни ја отвори вратата,
ни да ни прости.

No comments:

Post a Comment